Обвинителката Стефанова во исказот во „Рекет“ наведе дека ѝ се вршеле притисоци преку разни емисари, обвинители, судии, бизнисмени и политичари и притоа го спомена името на Кацарска, дека преку колега вршела притисок за случајот
Судијката Добрила Кацарска, која во сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова за случајот „Рекет“ на почетокот на неделава го спомена нејзиното име дека се јавувала кај нејзин колега за да врши притисок, денеска преку писмо до медиумите информира дека се обратила до Судскиот совет од каде што бара да ги утврди фактите и да го испита целиот случај, со кој, како што вели, ѝ се нарушува угледот.
Кацарска во писмото потсетува дека во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје е распоредена од јануари 2018 година каде што се уште е, но со започнувањето на судењата по добиените предмети од СЈО таа вели дека секојдневно трпи вербални напади од обвинети, нивните бранители, како и од некои политичари, па дури, како што вели, се оди и дотаму што судството се нарекува според нејзиното презиме „кацарска-судство“. Но овие напади посебно зачестиле по донесените пресуди за неколку актуелни предмети.
Сведочењето на Стефанова како кулминација
„Сиот овој изминат период стоечки, достоинствено ги трпев сите тие критики, напади, но кулминација на сè е она што се случи на ден 27.1.2020 година во судница 1 во Основниот кривичен суд Скопје“, вели Кацарска во писмото и тука го наведува сведочењето на Стефанова за „Рекет“, каде што меѓу останатото наведе дека ѝ се вршеле притисоци преку разни емисари, односно обвинители, судии, бизнисмени и политичари, а притоа го спомена името на Кацарска, дека преку колега вршела притисок за случајот.
„Бев згрозена од ваквата изјава, односно од нејзиното сведочење со оглед да се работи за целосна невистина бидејќи во ниту еден момент не само што нејзе не сум и се јавила, а најмалку, пак, сум и вршела притисок, туку апсолутно неточно е дека сум и пуштила некој нејзин колега обвинител. Која е причината за нејзиното вакво сведочење кое што е недолично за еден јавен обвинител, тоа не би можела јас да го знам. Во делот на нејзините наводи дека јас сум „окапала“ во судот денот кога се одлучуваше за притворот на Јордан Камчев, истакнувам дека тоа беше работен ден, а јас секој работен ден од 8 часот сум на работа, а од јануари 2018 година до јули 2019 година бев секој ден на работа од раните утрински часови, па до доцна во ноќта, без оглед дали се работело за работни денови, празник или викенд, со оглед да и јавноста знае на кои предмети во тој период работев и кои пресуди се донесоа и во законски рок пресудите беа изготвени. За ова може да посведочат вработените во судот, судската полиција и моите колеги судии, како и факт кој може да се утврди од безбедносните камери во судот“,
вели Кацарска во писмената изјава.
Кацарска натаму вели дека и досега јавно кажувала дека членовите на фамилијата Камчеви и се семејни пријатели, но, како што вели, таа искреност не смее да се злоупотребува од кого било, а посебно не од јавен обвинител бидејќи штетните последици од изнесување на невистини доведуваат до нарушување на угледот на оној на кого се однесуваат, имајќи предвид дека е судијка. Поради ова Кацарска на крајот од писмото бара од Судскиот совет како надлежен орган да ги утврдите сите факти и да ги прибавите сите докази за утврдување на фактичката состојба со цел јавноста да ја дознае правата вистина.