Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт за случајот „Талир 2“, кој се однесува на незаконска изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Во „Талир 2“ осомничени се екс премиерот Никола Груевски и поранешниот владин генерален секретар Кирил Божиновски.
„Советот за оценка на обвинителен акт кој постапува по актот со НСК КО 15/18 од 22.11.2018 од обвинителството означен како „Талир 2“, на 10 и 11. 07. 2019 година одржа јавна седница во присуство на странките. По ценење на фактите и доказите изведени на седницата за оценка на обвинителниот акт советот донесе решение со кое актот го одобри во целост, писмено го изработи и го експедира до странките. Отткако по оценетиот обвинителен акт ќе биде формиран предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување и ќе биде закажан термин за главна расправа странките и јавноста ќе бидат благовремено известени. “
соопштија од Кривичен суд.
Според Специјалното јавно обвинителствоГруевски и Божиновски ја злоупотребиле службената положба, за да му овозможат на правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на партијата, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

„ТАЛИР“ Е ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ, „ТАЛИР 2“ ЗА ИЗГРАДБАТА НА ПАРТИСКОТО СЕДИШТЕ
Во судот веќе се води постапка за предметот „Талир“, во кој Груевски, Божиновски, и екс министерот за транспорт Миле Јанакиески се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“. Покрај нив обвинети се и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Леко Ристоски но само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО за „Талир“, обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.