Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска во Основниот кривичен суд во Скопје доби прераспределба од Одделот за кривично полнолетни и сега ќе постапува по предмети во Одделението за организиран криминал и корупција.
Прераспределбата ја направил претседателот на Кривичен, Иван Џолев, врз основа на анализа во бројот на активни случаи и бројот на судии во одделите во судот.
Јанчулева-Михаиловска, додаваат од Основниот кривичен суд, ќе ги преземе предметите по кои досега постапуваше Владимир Туфегџиќ, кој беше разрешен на негово барање.
Меѓу попознатите е и случајот „Шпански скали“, кој се однесува на четири склучени договори за продажба на државно земјиште во центарот на Скопје, а првообвинет е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во случајот обвинети се уште 10 лица.