Според најавеното, станува збор за предупредувачки протест пред утрешниот состанок на Работната група во Брисел од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус по по воведувањето на системот за влез и излез – ЕЕС (Entry/Exit System) во ЕУ, според кој државјаните од трети земји можат да престојуваат во земјите од Шенген најмногу 90 дена, во кој било период од 180 дена
Професионални возачи од земјава, организирани од транспортната Асоцијација „Макам-транс“, денеска од 12 до 14 ќе одржат протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, на кој, како што е најавено, ќе побараат решавање на проблемот со ограничениот престој на превозниците во Шенген-зоната.

Според најавеното, станува збор за предупредувачки протест пред утрешниот состанок на Работната група во Брисел од кој превозниците очекуваат конкретно решение за нивниот статус по по воведувањето на системот за влез и излез – ЕЕС (Entry/Exit System) во ЕУ, според кој државјаните од трети земји можат да престојуваат во земјите од Шенген најмногу 90 дена, во кој било период од 180 дена.
Како што иформираа минатата недела од „Макам-транс“ пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе бидат паркирани дваесетина товарни возила, а ќе бидат присутни сопственици на транспротни компании, возачи и други вработени во овие компании од повеќе места во земјава.
Двочасовни протести, во истиот период од 12 до 14 часот, денеска ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и во Црна Гора.
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ рекоа дека протестот е предупредување до Европската Унија, која според нив во изминатите седум месеци не покажала добра волја за надминување на проблемот, иако во визната стратегија возачите се признаени како професионалнци кои вршат дејност.
“Bидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната на која бараме да биде на дневен ред и нашето прашање“,
вели генералната секретрка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска, во изјава за МИА.
Во врска со ставот на Министерството за транспорт, од каде во неколку наврати укажаа дека преземаат активности за помош на превозниците преку склучување билатерални договори со дел од земјите од Шенген-зоната, со цел да се обезбеди покриеност на рутите каде најчесто се движат транспортерите од земјава, Муратовска вели дека освен Хрватска која направила промени во својот закон за странци, други држави немаат преземено такви чекори.
Одговарајќи на новинарско прашање за коментар за најавениот протест, вицепремиерот и министер за транспрот Александар Николоски минатата недела изјави дека како влада имаат целосно разбиарње за проблемот на превозниците и се обидуваат да го решат во рамки на нејзините можности.
Како што наведе Николоски, станува збор за правила кои ги уредува Шенген-зоната и она што тие како извршна власт во земјава можат да го направат и го прават е да помогнат преку потпишување билатерални договори со земјите од Шенген.
Вицепремиерот и министер за транспорт рече оти тоа се прави и дека веќе се постигнати договори со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе се работи и на договори со други држави од Шенген-зоната.
Како што прецизира тој, договори веќе има со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во септември и октомври се најавенби средби со австриската и словенечката влада за постигнување вакви билатерални договори.
Според него, на овој начин се опфаќаат земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери, а Владата и Министерството продолжуваат со работа за изнаоѓање дополнителни решенија.
Инаку, како што соопштија од „Макам-транс“, доколку на утрешниот состанкот во Брисел нема преодно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава одделно на 14 септември, иако, како што порачаа по состанокот во Скопје на 21 август, протестите не му одат во прилог на никого.
Како што информираа, 50 проценти од возачите одбиваат да возат затоа што немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека се зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
Со проблемот се соочуваат околу 17 000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100 000.
Транспортери од државата, од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина во јануари годинава ги блокираа товарните пунктови на граничните премини со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации. Речиси четиридневниот застој на товарниот сообраќај беше прекинат откако Европската комисија одлучи да донесе нова стратегија за визи, која, според тогашните изјави на надлежните институции води кон решавање на проблемот со кој се соочуваат професионалните возачи.
Македонските, како и професионалните возачи на камиони од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, од крајот на минатата година се соочија со проблем откако почна воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија (ЕЕС), според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена, во период од 180 дена.
