Четворица од вкупно седум обвинетите во судскиот процес ТНТ за уривањето на комплексот „Космос“ денеска во судница се појавија без адвокати.
Судијата Огнен Ставрев, кој е на чело на судечкиот совет, им изрече три казни од по 2.000 евра на тројцата адвокати бидејќи советот смета дека тоа е непочитување на судот и сакаат само да го одолговлекуваат процесот. И покрај тоа што четворица се без адвокати, судското рочиште ќе продолжи денеска. Судот даде пауза од половина час и најави дека ќе им ангажира адвокат по службена должност.
Со адвокат се појави само Миле Јанакиески и уште еден обвинет, кои ги застапува истиот адвокат, Димитар Дангов. Третиот обвинет што има адвокат на денешното рочиште е Никола Груевски кому му се суди во отсуство. Неговиот адвокат е назначен по службена должност.
Вчерашното судско рочиште ТНТ траеше од 9:30 утрината до доцна вечерта, до 20:15 часот, кога завршил распитот на сите сведоци. По завршувањето, судот го закажал денешното рочиште за во 9:30 часот на кое е предвидено обвинетите да даваат своја одбрана.
Тоа што имало помалку од 13 часа меѓу двете рочишта е причина еден од обвинетите, ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, да му го откаже полномошното на својот адвокат Боро Тасевски. Трајковски објасни дека го откажува полномошното затоа што адвокатот го предупредил дека може да дојде до ситуација за помалку од 13 часа по завршување на вчерашното рочиште да треба да ја даде својата одбрана со анализа на докази, вештачење, искази на сведоци…
„Поради тоа немав можност да ја подготвам својата одбрана за толку краток период“, рече Трајковски.
Тој рече дека по вчерашното рочиште го отповикал адвокатот и синоќа ангажирал нов адвокат, Јовица Страшевски. Но, новиот адвокат денеска не се појави бидејќи во ист термин веќе имал рочиште со друг клиент во судот во Кичево.
Меѓутоа, судијата Огнен Ставрев, повикувајќи се на Законот за кривична постапка, рече дека адвокатот Боро Тасевски сепак требало денеска да се појави во судница бидејќи има обврска и по отповикување да го застапува клиентот во наредните 15 дена.
Околу ова се разви полемика, па адвокатот Димитар Дангов рече дека таа одредба важи ако обвинетиот нема ангажирано нов адвокат, а во случајов Тони Трајковски веќе назначил нов адвокат.
Сепак, судот одлучи да го казни по адвокатот Тасевски со 2.000 евра поради непочитување на судот и затоа што смета дека дека целта е да се одолговлекува рочиштето. Истата казна ја добија и Дончо Наков, кој е бранител на двајца обвинети, и адвокатот Мерџан Даути, кој застапува една од обвинетите.
Наков не се појави затоа што имал рочиште за случај за убиство во Куманово, а Даути затоа што застапува друг клиент во Србија.
Покрај казната, судијата Ставрев најави дека ќе ја извести и Адвокатската комора за случувањата.
Тоа што ќе им се назначи адвокат по службена должност наиде на негодување од обвинетите кои посочија дека имаат бранители и не сакаат денеска да им се назначат други кои не се упатени во предметот.