Најдобрите карневалски креации ги оценува жири-комисија, а и публиката може онлајн да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди
Река од маски на Струмичкиот карневал кој почна вечерва со преку 1 200 учесници и 300 гости од странство, кои на интернационалната вечер повеќе од 3,5 часа ќе дефилираат низ улиците на градот. Групите ги претставуваа своите кореографии пред жирито и публиката, а темите беа најразлични: корида, љубов, музика, јунаци од филмовите и многу други кои под ритмот на музиката имаа волшебен сјај.
„Струмичката корида, освен традицијата низ движење и музика, ја истакнува храброста на момчињата и девојките и ја слави љубовта, бикот не го убиваме, што е и порака за хуман однос на луѓето кон животните“,
порача учителката Соња Цицимова од ОУ „Видое Подгорец“, која и годинава со своите ученици и нивните родители учествува со маската „Струмичка корида“.

На почетокот на карневалот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој порача дека Струмичкиот карневал има традиција со древно минато.
„Денес сите патишта водат кон Струмица, затоа што вечерва Струмица е центар на светот. Тоа нè прави неизмерно горди оти сите ние сме верни негувачи на традицијата, оти сите ние ја вардиме културната оставина на овој град, оставина на чиј пиедестал се наоѓа нашиот Струмички карневал. Станува збор за традиција која има древно минато од повеќе векови, станува збор за прекрасно ‘разгрането дрво’ кое има многу длабоки корени. Тие корени на Струмичкиот карневал зборуваат и за нашите корени, но и за корените на овој град под кулите на Струмица, кој датира од многу, многу одамна“,
рече Костадинов.

Најдобрите карневалски креации ги оценува жири-комисија, а и публиката може онлајн да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.