Никако нема да има повисока цена на струјата, имајќи предвид дека тоа е предвидено со Законот за енергетика. РКЕ согласно став 5 од членот 10 ќе има право да интервенира во цената ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба, вели министерот за економија

Нема да има повисока цена на струјата ниту по 1 јануари, уверува денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), според Бектеши, ќе може да интервенира во цената доколку се утврди дека пресметките не се направени како што треба и регулаторите се тие што ќе го имаат последниот збор при носењето на одлуката.
„Никако нема да има повисока цена на струјата, имајќи предвид дека тоа е предвидено со Законот за енергетика. РКЕ согласно став 5 од членот 10 ќе има право да интервенира во цената, ако се утврди дека пресметките не се направени како што треба. Со последните измени на Законот за енергетика граѓаните знаат дека воведовме универзален снабдувач на кој рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на нов е почната. Кон почетокот на наредната година ќе имаме нов универзален снабдувач, се надеваме ќе бидат со пониски маржи согласно конкуренцијата што ја имаме. Истиот тарифен систем ќе биде од 1 јануари, а надзор прави РКЕ“,
рече денеска Бектеши одговарајќи на новинарски прашања.
Според него, ингеренциите на „ЕВН хоум“ ќе бидат повеќе процедурални, технички. Наместо пресметки да направи РКЕ, Бектеши вели дека тоа ќе го прави „ЕВН хоум“ и потоа ќе ги достави до Комисијата, кои ќе треба да ги потврдат или, пак, може да ги одбијат.
Министерството за економија, вели Бектеши, е институција која е надлежна за Законот за енергетика и толкувањето на членовите од одредбите ги прави Економија.
„Министерството за економија толкувањето го прави дека крајниот збор го има РКЕ, а ако треба и писмено ќе испратиме. Надзор врз начинот како се реализира Законот за енергетика прави Министерството за економија“,
образложи Бектеши.

Кога се утврдува цена на електрична енергија, додава тој, генерално најважен инпут е цената која ЕСМ ќе ја даде према универзалниот снабдувач. Таа цена на ЕСМ, на затворена седница, два пати годишно ја утврдува Владата и може да влијае колку ќе биде цената за потрошувачите.
„Со последните измени универзалниот снабдувач во тендерска постапка конкурира за профитна маржа која ќе ја има за следните пет години. Наредната година ќе видиме каква цена ќе добиеме и убеден сум дека ќе биде под 11 отсто. Единствено во што не можеме да влијаеме е само во делот на маржата која се добива на тендерска постапка“,
додаде тој.
На прашањето дали на овој начин се создава монопол, Бектеши вели дека одлуката да се има регулирана цена во делот на електричната енергија е со цел да се заштитат домаќинствата и малите потрошувачи.
„Спротивното ќе беше да одиме на берза и да имаме пазарни цени кои моментно се најмалку двојно повисоки од цената што ја нуди ЕСМ“,
истакна Бектеши.
За тоа дали може цената на струјата да падне под 53 евра за мегават-час, Бектеши рече дека во делот на цената која ќе ја утврди Владата не сака да објавува податоци пред таа да биде донесена.
„ЕСМ веќе има потпишано Договор за заем со ЕБОР од околу 100 милиони евра за нивната ликвидност и во делот на можноста за тие да се снабдуваат со различни енергенси за потребите на производство на електрична енергија. Тие средства се во функција и тие во таа рамка треба да работат. Кој не работи во таа рамка, треба да има одговорност. Нема зошто ние да зборуваме со менаџментот на ЕСМ кога овие одлуки се донесени од страна на Владата, а водено заемот е донесен дополнително и од страна на пратениците кои директно се претставници на граѓаните“,
рече Бектеши, најавувајќи дека ќе следат како се трошат парите.
Како што изјави Бектеши по Самитот за женско претприемништво, моментно се прават анализи од РКЕ и надлежните институции, во делот на блоковите.
„Не, цената на електричната енергија нема да се зголеми, ниту во блоковите ниту во целина. Моментно се прават анализи од РКЕ и надлежните институции, во делот на блоковите зашто сакаме што повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани“,
нагласи Бектеши.
Вчера, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека новата одлука за цената на струјата ќе ја одредува и кажува „ЕВН хоум“, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика ќе направи проверка дали е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања, но според него, формулата е јасна за сите енергетски компании.