Одговорот на Пекинг за смртта на Алексеј Навални е дел од поширокиот модел на однесување на сојузникот на Москва, кој премолчено ја поддржува војната на Путин против Украина, рече генералниот секретар на НАТО
По изјавата на кинеската влада дека смртта на Алексеј Навални е внатрешно руско прашање, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од Минхенската безбедносна конференција остро ја искритикува пораката велејќи дека смртта на опозиционерот не е внатрешно прашање, оти сите знаеме дека виновник за смртта е авторитарниот режим на Кремљ.
„Навални беше неправедно уапсен од рускиот режим, брутално отруен и осуден на смрт затоа што имал храброст да му се спротивстави на Путин“,
рече Столтенберг.
Тој истакна дека најдобриот начин да се оддаде почит во спомен на Алексеј Навални е да се поддржи Украина во нејзината војна против тековната руска инвазија и ја обвини Кина дека премолчено ја поддржува руската агресија врз Украина, а резултатот од оваа тивка поддршка ќе има глобални последици.
„Пекинг внимателно ја следи војната во Украина. И тоа кое се случува денес во Украина, утре може да се случи во Азија. И колку е поуспешен Путин во Украина, толку е поголема веројатноста (кинескиот) претседател Си Ѓинпинг да употреби сила против Тајван“,
изјави Столтенберг.
Најпознатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, според информациите на персоналот во казнената колонија „Поларен волк“ во градот Карп, се онесвестил и починал во петокот по прошетката во затворот, а според првичните информации од истражителите тој починал од синдром на ненадејна смрт. Неговата мајка Људмила добила официјално известување за смртта на својот син, но неговото тело сѐ уште не ѝ било предадено, што според неговата портпаролка Кира Јармиш значи дека Кремљ можеби се обидува да ги прикрие трагите на неговите „убијци“.
„Мртовечницата е затворена, и покрај уверувањата на колонијата дека работи и дека телото на Навални е таму. Адвокатот се јавил на телефонскиот број на мртовечницата. Му било кажано дека тој е веќе седмиот кој им се јавил денеска и дека во мртовечницата не е телото на Навални“,
рече Јармиш.
Јармиш кажа дека според информациите со кои таа располага, телото на Навални било пренесено во Салехард од страна на руски инспектори, но кога неговата мајка и адвокат пристигнале во мртовечницата, неговото тело не било таму. Вработен во мртовечницата, пак, им соопштил дека тој не направил прием на ниту едно тело и им посочил оти треба да го бараат и во други градови во регионот. Неговиот тим, пак, на Телеграм напиша дека неговите убијци сакаат да ги прикријат трагите и затоа не го предаваат телото на Алексеј и дека го кријат дури и од неговата мајка.