За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг се оградува од директен коментар, но порачува дека би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ

Исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа и во секое време, бидејќи корупцијата е крајно опасна, ги поткопува демократските институции, ја подрива довербата во државата, а го отежнува и водењето бизнис, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за МИА.
„Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот. Имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции. Затоа е исклучително важна борбата против корупцијата“,
вели Столтенберг одговарајќи на прашањето како ја коментира ситуацијата со корупцијата во земјава и во регионот и дали може да се каже дека таа придонесува за дестабилизација.
За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг се оградува од директен коментар, но порачува дека би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ.
„Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата“,
посочува Столтенберг.
На прашањето каков е неговиот впечаток за земјава по пристапувањето во Алијансата, Столтенберг вели:
„Северна Македонија е високо ценет НАТО-сојузник. Северна Македонија придонесува за нашата заедничка безбедност и членството во НАТО е добро за Северна Македонија и добро е и за НАТО. Импресиониран сум од напредокот што го видов, видов и дека членството во НАТО овозможи повеќе инвестиции, повеќе странски инвестиции и повеќе работни места и повеќе раст. Затоа што, кога имате безбедност загарантирана од НАТО, тогаш, се разбира, на приватните инвеститори им е полесно да инвестираат и да помогнат во промовирањето на економскиот раст во вашата земја. Mило ми е што гледам многу посветен НАТО-сојузник во Северна Македонија“.