Во дебата на „360 Степени“, Андреа Стојковски од Центарот за европски стратегии „Евротинк“ зборуваше за новата анкета на Брима Галуп и пресвртот во рејтинзите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните лидери, Зоран Заев и Никола Груевски.
Тој ја искоментира изјавата на комуникологот Петар Арсовски кој рече дека резултатот е таков поради авторитарната структура на гласачите и на клиентелизмот на електоратот.
– Уште не сме го виделе моментот на авторитарната структура на гласачите и на клиентелизмот бидејќи уште не сме имале шанса да ја видиме владата во полна функција. До вчера се чекаше изборот на замениците министри, се уште добар дел од директорите по институциите се од претходно именуваните. Немало ниту шанса за владата да покаже некакво движење или акција. Ова е природниот тек на распадот на гласачката структура на ВМРО-ДПМНЕ, и ова се гледаше уште од 11 декември, посебно од 29 јануари наваму. Целиот период се гледаше дека се обидуваат да се задржат на власт, а тоа полека ги одвлече или оттргна оние кои можеби не гласаа на 11 декември и не сакаа да бидат поврзувани ниту со едните, ниту со другите, луѓето полека се охрабруваат да зборуваат против претходната власт и да ги кажуваат маките коишто ги имале. Ова е се уште моментот на разградување на системот. Веројатно за еден месец или за два месеци ќе имаме шанса да ја гледаме поданичката структура на гласачите во државава и да гледаме многу посериозно префрлање од едната во другата група. Можеби и сега во моментиве на именување на некои нови директори или трет, четврт ешалон, ќе почнат да се појавуваат уште повеќе клиенти – рече Стојковски.