Според Стојаноски, во овој момент не може да се знае дали овој проект за коридорите ќе чини 1,3 милијарди евра, туку може да дојде и до 2,5 милијарди евра и затоа надзорот е важен. Тој посочи дека пет клучни работи укажуваат на криминал
Проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д е еклатантен пример за епски криминал од 22 милиони евра кои граѓаните треба да ги платат за да завршат во приватните џебови, изјави за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Според него, ако се погледнат сите документи и докази на располагање, има пет клучни работи кои може да се напоменат и преку кои е очигледно дека е сторен криминалот.
„Првата е онаа потврда со која оваа ‘Ептиса’ се тргна од црната листа, односно од компаниите кои добиле негативна референца. На 30.9.2021 година Владата им укажува на институциите и на општините за капитални проекти над 1 милион евра дека не треба да ја ангажираат оваа компанија бидејќи не се покажала во надзорот на првата фаза за пругата Бељаковце – Крива Паланка. Потоа, неколку месеци подоцна, има заклучок на влада каде се укажува дека сите институции кои имаат договор со оваа компанија треба да го раскинат, а неколку недели потоа, откако е објавен тендерот, оваа компанија преку Министерството за транспорт и врски добива потврда дека може да работи“,
рече Стојаноски.
Тој додаде дека вториот дел е промена на спецификациите во самата тендерска постпака која на 10.10.2022 ја направила Владата.
„Со оваа промена, Владата менува две суштински работи, го менува рокот додека трае огласот за 8 дена повеќе и втората работа – го трга ‘позитивен’ биланс и останува само биланс, со што ‘Ептиса’ има можност да добие тендер“,
рече Стојаноски.
Трето, додаде тој, „Електросолушнс“ на 03.10. добива лиценца од Mинистерството за транспорт и врски за вршење на дејност, што значи неколку недели откако е почната таа набавка.
„Ова е компанија на Андон Ампов, син на Сотир Ампов кој е сопственик на компанијата „Институт за патишта“ Велес, кој учествувал на претходната набавка за надзор и не успева да уплати банкарска гаранција бидејќи имал руски капитал средства кои биле замрзнати. Се поставува прашање зошто Владата инсистира на ова семејство, како таткото имал руски капитал, а синот нема“,
рече Стојаноски.
Тој истакна дека четврто е што Конзорциумот ја добил можноста согласно договорот потпишан сега, да го прави и надзорот и да го составува договорот кој оваа Влада треба да го потпише и тоа значи дека надзорот не може да биде независен.
„Петтиот и последен, е дека ЈО треба да реагира за тоа што сопственоста на ‘Ептиса’ не е сменета како што кажуваше Артан Груби. Тоа е компанија од Кина која ја има купено ‘Ептиса’ и целиот менаџмент е сопственост од Кина и целиот менаџмент е кинески. Кинески капитал, кинеска компанија ќе врши надзор“,
нагласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Стојаноски, во овој момент не може да се знае дали овој проект за коридорите ќе чини 1,3 милијарди евра, туку може да дојде и до 2,5 милијарди евра и затоа надзорот е важен.
Надзорот треба да го прави конзорциум предводен од италијанската компанија ИРД, а во тимот со неа се и шпанска „Ептиса“, како и две домашни форми – „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“.
Еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ е македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој, како што веќе објави „Призма“, е под истрага на ерменското обвинителство за изградба на патна инфраструктура во Ерменија, каде што бил ангажиран во конзорциум „Савеж–Ептиса“.
За „Ептиса“ која е дел од конзорциумот и за надзор на изградбата на македонските компании, како што објави Алсат ТВ, Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце, меѓутоа одлуката била укината околу 10 недели подоцна.
Првиот вицепремиер Артан Груби, кој го предводи Управувачкиот комитет за изградба на коридорите 8 и 10-д, пак, во јавните настапи изминатите денови тврдеше дека тоа всушност не е истата фирма, односно дека останало само името, а се сменила сопственичката структура. Меѓутоа, податоците од Централниот регистар, пак, го говорат спротивното – нема промена во сопственоста на „Ептиса“ од 2016 година, а премиерот Димитар Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, повторно им порача на новинарите ако нешто се сомневаат да пријават во обвинителство.
„Во однос на сопственички структури, може да се обратите до Централниот регистар. Штом имате какви било информации кои сметате дека се за вас сомнителни, веднаш да ги пријавите во институциите… Кога квалификувате некого, треба да имате за тоа и доказ врз основа на што го правите“,
рече денеска Ковачевски.