Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, обвини дека власта подготвува законски измени кои ќе бидат на штета на здравјето на граѓаните. Според неа, преку предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, кој се поднесува по скратена постапка, Владата преку пратениците на владејачкото мнозинство подметнува темпирана бомба за граѓаните.
„Конкретно, измените на законот се состојат од префрлање на надлежноста од Дирекцијата за јонизирачко зрачење на Институтот за јавно здравје, само за депонии за нуклеарен отпад. Оттука, бараме некој од предлагачите да ни образложи дали Институтот за јавно здравје поседува соодветен кадар кој би работел на оваа проблематика, соодветна апаратура за мерење на зрачењето, односно емисиите од тие депонии и контаминацијата на почвата, и зошто се префрлаат ингеренциите од Дирекцијата, каде постои ваков компетентен кадар“,
рече Стојаноска.
Според Стојаноска, се поставува и прашањето зошто, ако веќе законски е забранет увоз на радиоактивен отпад, сега во летниот период се предлагаат вакви измени.
„Овде мора да има некоја замка, во спротивно би се одело на широка дебата, на редовна постапка и на консултација и информација на целата македонска и експертска јавност. Не е прв пат власта да подметнува вакви сомнителни законски решенија и затоа, загрижени за јавното здравје кое е загарантирано со Устав, бараме или повлекување на овој предлог по скратена постапка или нема лесно да дозволиме да помине ова сомнително законско решение“,
додаде Стојаноска.