Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да откријат детали дали партијата почнала и со кого разговара за евентуално формирање на мнозинство во новиот собраниски состав. Оттаму повторуваат само дека Христијан Мицкоски добил овластување да ги води преговорите со останатите партии.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доби овластување од највисоките тела на партијата, Извршниот и Централниот комитет. Доби поддршка да разговара со политичките партии кои се застапени во парламентот во новиот состав на Собранието на Република Македонија за формирање на ново парламентарно мнозинство. Во насока на тоа да не се вадат детали сега во моментот тука ќе застанам со одговорот, не би навлегувал во детали со кого и како сè се разговара“
рече Стоилковски додавајќи дека не открива детали за да не ги поремети или попречи разговорите.
Конечните официјални резултати, Државната изборна комисија (ДИК) ги усвои на денешната седница. Според нив, оваа партија со коалицијата „Обнова за Македонија“ во новиот собраниски состав влегува со 44 пратеници. СДСМ и коалицијата „Можеме“ со 46.
15 пратеници во парламентот ќе бидат од ДУИ, 12 од Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, 2 од Левица и 1 пратеник од ДПА.
Владејачката СДСМ, пак, утрово преку соопштение уште еднаш најави дека преговорите за нова Влада почнуваат по Илинден. Интересен дел од текстот на соопштението, кое инаку во многу наликува на кусо повторување на главните поенти од програмата за парламентарните избори, е повикот кој партијата го упати до „сите пратеници“ да се „приклучат на прогресивните сили“. А во исто време се вели и дека „времето на поделбите и ретроградните политики на ВМРО-ДПМНЕ остана во минатото, нема враќање назад кон изолација, опасност и неизвесност“.