Иако ГРОМ е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, главната опозициска партија, според најавите, на овие избори ќе оди со свој кандидат за градоначалник во Карпош, а тоа најверојатно ќе биде лекарот Оливер Зафировски, кој би му бил противкандидат на Јакимовски
Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ и поранешен долгогодишен градоначалник на Карпош, ќе биде кандидат и на претстојните локални избори, во обид да се врати на градоначалничкото место во оваа скопска општина.
Од ГРОМ потврдуваат за „360 степени“ дека одлуката за кандидирање на Јакимовски е веќе донесена, иако не е сè уште официјализирана. Се очекува Јакимовски да биде кандидат на ГРОМ, наспроти кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на Левица.
Иако ГРОМ е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, главната опозициска партија, според најавите, на овие избори ќе оди со свој кандидат за градоначалник во Карпош, а тоа најверојатно ќе биде лекарот Оливер Зафировски, поранешен директор на Детската болница во Козле.
ГРОМ планира да има и своја листа на советници во Карпош, како логистика во кампањата на Јакимовски, како што беше случај и на минатите локални избори во 2017 година. Тогаш Јакимовски, од позиција на актуелен градоначалник, ја изгуби битката од Стефан Богоев од СДСМ, иако ВМРО-ДПМНЕ немаше кандидат за градоначалник во Карпош.
Богоев, со освоени 57,7 отсто од гласовите, извојува победа во првиот круг над Јакимовски, за кого гласаа 36,9 отсто од излезените гласачи во Карпош.
На претстојните избори СДСМ, чиј потпретседател беше едно време Јакимовски, оди со друг кандидат, а тоа е Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.
Во другите општини во државата, ГРОМ, најверојатно, ќе нема кандидати за градоначалници и посебни советнички листи. Од партијата велат дека е можно во дел од општините да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, ама тоа, како што посочуваат, зависи од исходот од преговорите меѓу двете партии, кои сè уште се во тек. Сепак, од ГРОМ велат дека нема раздор со ВМРО-ДПМНЕ, иако најголемата опозициска партија не застанува зад кандидатурата на Јакимовски во Карпош.
Јакимовски беше градоначалник на Карпош во периодот 2000-2003 година, кога, како кадар на ЛДП, отстапи од функцијата на локално ниво за да биде министер во тогашната влада на СДСМ. На локалните избори во 2009 година беше кандидат на ЛДП, поддржан и од СДСМ, кога и се врати на градоначалничкото место во Карпош. Во меѓувреме, премина во СДСМ, но пред локалните избори во 2013 година влезе во судир со тогашното партиско раководство, кога сам се кандидираше за градоначалник, наспроти првичните најави од неговата тогашна партија за бојкот на изборите.
На изборите во 2013 година Јакимовски ја обезбеди кандидатурата со печат од партијата на Србите на Драгиша Милетиќ, по што го победи тогашниот кандидат на СДСМ, Андреј Петров, а подоцна ја формираше ГРОМ, која сега има еден пратеник во Собранието. Во меѓувреме, против Јакимовски беа поведени неколку кривични постапки, а едно време беше и во притвор.