Осомничениот, во средата вечерта, со моторцикл дошол пред куќата на градоначалникот на Општина Карпош и неговото семејство. Тука осомничениот, како што се наведува во соопштението од ОЈО, без причина најпрвин започнал на висок тон да го навредува, а потоа и вербално да се заканува дека ќе го убие и ќе му го уништи животот
Шеесетгодишен скопјанец во средата му се заканувал на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, дека ќе го убие. Според соопштението од Основното јавно обвинителство (ОЈО), настанот се случил на 4 октомври во вечерните часови кога осомничениот со моторцикл дошол пред куќата на градоначалникот и неговото семејство. Најпрвин, како што посочуваат од Обвинителството, осомничениот без причина започнал со висок тон да го навредува, а потоа и вербално да се заканува дека ќе го убие и ќе му го уништи животот.
Во тој момент заканите од осомничениот продолжиле и кон сосед кој случајно поминувал таму.
Во образложението од ОЈО се додава дека истиот ден во вечерните часови, осомничениот телефонски му се јавил на градоначалникот и продолжил да му се заканува. Откако оштетениот го прекинал телефонскиот разговор, осомничениот продолжил да му испраќа заканувачки пораки на вибер-апликација.
„Додека оштетениот го пријавувал настанот во полициска станица, осомничениот отишол во неговиот дом, викал и упорно ѕвонел на влезната врата, вознемирувајќи ги членовите на семејството“,
се додава во соопштението.
Од ОЈО велат дека јавниот обвинител на судот му предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува, да воспоставува или одржува контакти со оштетените лица на кои им ја загрозил сигурноста.
Од Министерството за внатрешни работи во вчерашниот полициски билтен информираше дека на 04.10.2023 во 20:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.М.(60) од Скопје, затоа што упатувал закани на С.Ј., градоначалник на една скопска општина.
Од полицијата информираа дека со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.