Ситуацијата со бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков одблизу ја следат и во Стејт департментот, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.
„Свесни сме за овие извештаи, и ја следиме ситуацијата одблизу“,
изјави портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка.
На Мијалков вчера му е определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор по негово пронаоѓање, односно лишување од слобода, но сè уште се трага по него. „Исчезнувањето“ на Мијалков е во пресрет на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, за масовното прислушување и уништување на опремата, за што му се заканува висока казна затвор.
Денеска, Министерството за внатрешни работи првично објави национална потерница за Сашо Мијалков, но попладнево е променета во меѓународна.