Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени, велат од кабинетот на Пендаровски
Ставовите на професорот Денко Малески, искажани во неговото интервју за бугарската телевизија „Европа“, не се совпаѓаат со оние на претседателот Стево Пендаровски, но шефот на државата ќе ја продолжи соработката со него. Ова е одговорот од кабинетот на Пендаровски по реакциите за настапот на Малески во кој зборуваше за македонско-бугарските отворени прашања и повиците до претседателот да се откаже од неговите советнички услуги.
„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи. Меѓутоа, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малески. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“,
велат од кабинетот на шефот на државата.
Од кабинетот на Пендаровски додаваат дека професорот Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во кабинетот постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и д-р Александар Љ. Спасов, со кои претседателот е во комуникација на дневна основа, велат од кабинетот. Освен споменатите, претседателот се консултира и со серија други експерти и професори од академската заедница и од МАНУ.
За содржината на интервјуто на професорот и прв македонски министер за надворешни работи, Денко Малески, за ТВ „Европа“, можете да прочитате во веста подолу:
Пендаровски: Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и се борел за самостојна македонска држава
Претседателот Пендаровски, во интервју за „360 степени“ во јуни 2019 година, рече дека Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава. Пендаровски рече дека станува збор за два неспорни историски факти и ова го понуди како компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот чие дефинирање е едно од најчувствителните прашања во работата на заедничката историска комисија.
„И еве, можеби да излезам надвор од мојот мандат, бидејќи во изминативе неколку недели имав интензивна комуникација со луѓе што се разбираат во таа работа, затоа што јас сум сигурен дека тоа постепено станува политички проблем. Тврдам дека тоа допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија“,
рече Пендаровски во интервјуто.
Според него, „не постои ниту еден документ што вели дека Гоце Делчев се борел за Голема Бугарија или за Санстефанска Бугарија или изјава во која вели, или став макар, прераскажан од неговите современици, дека Гоце Делечев се борел за припојување на тогашната провинција во Османлиското Царство Македонија кон Бугарија“.
„Значи, ако ве интересира, како што велат некои политичари, вистината и само вистината – во ред. Неспорна историска вистина е дека се изјаснувал како Бугарин во тој историски контекст, како што е неспорна историска вистина и факт дека се борел за македонска држава. Еве ви ја формулацијата, потпишете ја и дајте да не создаваме проблем таму каде што не треба да го има. Значи ние не можеме како држава да ја проголтаме тезата дека од 1944 година натаму ние сме се разбудиле едно сабајле и велиме – навистина сме сега Македонци, дајте од тука натаму да разговараме, бидејќи тоа е политички пристап кој нема да не одведе никаде“,
изјави Пендаровски на 21 јуни 2019 година.