Казната за неносење на задолжителна зимска опрема изнесува 45 евра во денарска противвредност, односно 25 негативни бодови согласно Законот
Од денеска започнува законската обврска за задолжително поседувањена зимска опрема во возилата без оглед на моменталната временска состојба и ќе трае до 15 март следната година.
Обврската е пропишана во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде во став 1 е наведено дека моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

Според Законот, полицискиот службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полицискиот службеник може да нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.
Казната за неносење на задолжителна зимска опрема изнесува 45 евра во денарска противвредност, односно 25 негативни бодови согласно Законот.
„Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови согласно со одредбите од овој закон“,
стои во Законот.
Што се подразбира под задолжителна зимска опрема
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3 500 килограми се подразбира:
„Зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, од четири милиметри.Пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири милиметри. Ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возилата со погона на четири тркала (4 х 4) се подразбира:
„Зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од шест милиметри. Пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири милиметри. Ако возилото во приборот има синџири за снег, и во случајот кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3 500 килограми се подразбира:
„Зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри. Пневматици со летен профил на сите тркала со длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри. Ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, и – прирачен алат – лопата.
Како задолжителна зимска опрема според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се подразбира и зимски пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.