Исто така, министерот за здравство донесе наредба и за мобилизација и распоредување на медицинскиот персонал како дел од мерките за превенција на ширењето на коронавирусот
Министерот за здравство денеска донесе наредба за задолжителна самоизолација за секој наш државјанин кој влегува во државата на граничните премини, а патува од високо ризични или средно ризични земји утврдени со Листата на светската здравствена организација на денот на кој патникот влегува во државата.
Наредбата предвидува давање писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност која ја потпишува при влез на граничниот премин.
Непочитувањето на оваа наредба и неспроведување на задолжителната самоизолација повлекува одговорност, соопштија од Министерството за здравство.
Исто така, од денеска на сила е и наредба за мобилизација, организација и распоред на работата и работното време, промена на работни места и услови на работа на здравствени установи и нивни вработени и на приватните здравствени работници во состав на мрежата на јавно здравствените установи, а во врска со користење на медицинско – техничката опрема и останати медицински средства во согласност со потребите и мерките за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирусот.
„Во случај на привремен распоред на работа во согласност со став 1 од оваа наредба, здравствените работници и соработници треба сите права и обврски во врска со нивниот работен однос да ги остваруваат во матичната здравствена установа или по потреба ќе бидат мобилизирани во друга здравствена установа. Наредбата на Министерот за здравство стапува на сила денес, а нејзино непочитување повлекува одговорност“, се вели во соопштението од Министерството.
Наредба за задолжителна самоизолација денеска најавија и од МВР што ќе ја презентираат на денешната владина седница.