Сегашната ситуација може да има последици не само за Белград и Приштина, туку и за стабилноста на целиот регион. Ги повикуваме двете страни да бидат одговорни и да најдат европско решение за проблемот, вели портпаролот на Европската унија
Белград и Приштина треба веднаш да ги намалат тензиите на терен и да работат на изнаоѓање европско решение за проблемот со регистарските таблички, изјави во Брисел портпаролот на Европската унија Петер Стано и нагласи дека „има јасна обврска Приштина веднаш да преземе чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини“.
Според Стано, „опасната ескалација“ на терен го доведува во прашање сето она што е постигнато во текот на годините со работа на нормализација на односите.
„Сегашната ситуација може да има последици не само за Белград и Приштина, туку и за стабилноста на целиот регион. Ги повикуваме двете страни да бидат одговорни и да најдат европско решение за проблемот“,
вели Стано.
Тој додава дека формирањето на Заедницата на српски општини е дел од правно обврзувачкиот договор за Косово.
„Одбивањето да се работи на него претставува поткопување на владеењето на правото и му штети на угледот и кредибилитетот на Приштина“,
додава Стано.
Портпаролот на ЕУ изјави дека високиот претставник Жозеп Борел разговарал со претседателот Вучиќ и премиерот Курти во текот на викендот, како и дека специјалниот претставник Лајчак „е во постојан контакт со соговорниците во регионот и меѓународната заедница со цел да се најде европско решение и да се смират тензиите“.
„Сега останува на Белград и на Приштина да покажат посветеност на договорите постигнати во рамките на бриселскиот дијалог. Дијалогот меѓу двете страни со посредство на ЕУ е единствениот начин да се надмине сегашната ситуација“,
рече Стано.