Дел од оштетените порачаа дека е редно време да се стави крај на ваквите случаи и да се направи разлика, како што рекоа, кои се новинари, а кои рекетари, но уште повеќе очекуваат од вториот предметот што се води за Стаменковски бидејќи нивните надежи се дека преку него ќе се дознае кои се нарачателите и посредниците за навредливите текстови што се објавуваат на порталот „Доказ“

Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, кратко седеше спроти своите жртви во една од судниците на Основниот кривичен суд Скопје каде што требаше да почне судскиот процес во кој тој е обвинет за повеќе кривични дела.
Денешното прво рочиште се одложи бидејќи неговите адвокати бараа да се изземат сите скопски обвинители и предметот да се додели на обвинител од друг град бидејќи одбраната смета дека цело Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје се јавува како оштетено во постапката.
„Уште на четврти овој месец е поднесено е барање за изземање на сите обвинители од ОЈО Скопје до вишиот обвинител затоа што во предметот како оштетени се јавуваат истражители вработени во ОЈО Скопје, има фотографии од обвинителството така што не е во ред овој предмет да го процесира и води ОЈО Скопје. Побаравме изземање на скопското обвинителство и доделување на предметот на друг обвинител од друг град со што ќе се овозможи фер постапка, запазување на процедурите на ЕСЧП во смисла на независно и непристрасно обвинение и судење“,
рече еден од адвокатите на Стаменковски, Коста Нојков.
Одлуката дали ќе биде изземено ОЈО Скопје ќе ја донесе Вишото јавно обвинителство Скопје и се очекува таа да биде донесена до следното рочиште на 10 март.
Во судница денеска се појави дел од оштетените кои требаше да бидат сослушани, додека други треба да сведочат на некои од наредните рочишта.
„Очекувам да биде задоволена правдата и редно време е во државата да се стави крај и да се знае кои се новинари, а кои рекетари. Со оглед на тоа што за мене е излезен цел серијал текстови во кои не би сакала да навлегувам за што се работи затоа што беше засегнато и моето семејство, но мислам дека редно е после толку долго време и уништени и срозени семејства од Стаменковски да се стави еден крај и да биде задоволена правдата и да се знае дека не може во државата да пишува кој што ќе му текне, да те понижува“,
рече новинарката Ирена Мулачка, која е една од оштетените.
Нејзината колешка Валентина Вурмо, која исто така е оштетена, пак, вели дека очекува многу повеќе од вториот предмет за Стаменковски што го отвори ОЈО Скопје, односно од него да се дознае кои се нарачателите и посредниците за навредливите текстови кои се објавуваат на порталот „Доказ“.
„Неколкумина сме во улога на оштетени, меѓутоа оштетени се бројат многу повеќе и очекувам дека конечно со ова ќе се добие правдата и ќе откријат натрапниците кои се во нашата професија и конечно ќе се поделиме на професионални новинар и на самонаречените новинари. Меѓутоа, повеќе очекувам од вториот предмет кој скопското обвинителство го отвори за овој случај бидејќи таму очекувам да се изнесат детали и докази кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката и посредниците и нарачателите да седнат на обвинителна клупа“,
рече Вурмо.
Во врска со текстовите за нив, Стаменковски е обвинет за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал, а за истото се гони и во врска со објави за две свештени лица за кои пишувал дека се поврзани со домашни и странски тајни служби и се упатувале заканувачки зборови со кои се поттикнувал народот да ги протера од манастирот во кој тие служеле.
Обвинението опфаќа и кривично дело уцена бидејќи, според информациите од ОЈО Скопје, друго оштетено лице било контактирано од Стаменковски кој го повикал на средба за му побара пари во замена да не објавува приватни фотографии и информации за него. Оштетениот одбил средба, па на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за жртвата.
Обвинетиот се товари за уште две кривични дела од кои едното е пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци поради објавување содржини за кои една телевизија има ексклузивни авторски права. Второто дело, пак, е злоупотреба на лични податоци поради објавување лични податоци и фотографии за четворица истражители ангажирани во ОЈО Скопје за кои информации добивал од друга истражителка.
Судскиот процес ќе се одвива зад затворени врати бидејќи обвинителката Зорица Павловиќ бараше јавноста да биде исклучена од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.
„Предлагам судот да ја исклучи јавноста од причини што се работи за кривични дека против моралот, а исклучувањето на јавната е потребно за да се заштити приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи се очекува да се изнесуваат лични интимни односи, односно детали од животот на семејствата на оштетените и затоа сметаме дека е потребна заштита на оштетените кои се во поголем број и кои досега биле подложни на говор на омраза преку интернет-порталот“,
рече обвинителката Павловиќ чие барање беше прифатено од судијката Марија Клетничка-Марковска.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.