„Пораката ќе биде јасна за пратениците што не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зашто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија
Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) одлучи в понеделник 27 јуни, од 7 до 10 часот, да го блокира влезот на главниот град Скопје на раскрсницата во населба Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“. За време на блокадата ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.
Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ, соопшти дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини на денешната седница одлучи незадоволството да го изразува на улица, откако изминативе три дена претставниците на Синдикатот протестираа пред Собранието, Владата и Министерството за финансии.
„Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза“,
велат од ССМ.
Оттаму укажуваат на работниците и на граѓаните однапред да го планираат нивното движење во наведениот период и да ја избегнат раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“ или солидарно да им се придружат, а можат да им се придружат и сите работници.
Од Синдикатот сметаат дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2 806 денари, што е едно од главните барања на ССМ и главна причина за штрајкот кој започна на 22 јуни.
„Вработените во јавниот сектор се солидарни, како никогаш досега, работниците во јавниот сектор кои добија усогласување на платите овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2 806 денари“,
соопштија од ССМ.
Денеска, на третиот ден од генералниот штрајк во јавниот сектор, како дел од активностите на штрајкот, членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) протестираа пред Министерството за финансии.
Пред зградата на Министерството тие поставија само едно столче – наменето за министерот за финансии, Фатмир Бесими, потсетувајќи го за нивните барања за линерно покачување на платите во јавниот сектор за 2 806 денари и враќање на правото на регрес за годишен одмор.
Претходните два дена, Сојузот на синдикати протестираше и пред Собранието и пред Владата.