Сојузот на синдикати на Македонија смета дека градоначалничката на Град Скопје и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие се виновни што над 1 000 семејства на вработени во ЈСП се оставени без плата и што по првпат скопјани останаа без јавен градски превоз

Сојузот на синдикати на Македонија бара Град Скопје да поднесе кривични пријави против градоначалничката Данела Арсовска и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски поради непочитување на законите.
„Град Скопје да поднесе кривични пријави против градоначалничката Данела Арсовска и в.д директорот на ЈСП, Александар Стојковски по член 166 од Кривичниот законик кој покрај другото предвидува дека тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година и да не дозволат и да ги оставаат работниците сами да се справуваат со нив“,
се вели во соопштението од ССМ.
Сојузот на синдикати на Македонија смета дека градоначалничката на Град Скопје и в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие се виновни што над 1 000 семејства на вработени во ЈСП се оставени без плата и што по првпат скопјани останаа без јавен градски превоз.
„Работниците утринава дојдоа на своите работни места да возат, но не видоа дека в.д директорот Стојковски дошол да им исплати плати, туку видоа дека дошол неовластено да ги снима за да слушаат тие што немаат храброст да се исправат пред работниците“,
велат од ССМ.
Утринава ЈСП испрати соопштение со реакција на протестот на вработените. Од ЈСП „Скопје“ велат дека дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк.
Со соопштение денеска се огласија и од Град Скопје кои велат дека уште во текот на вчерашниот ден, по завршување на вонредната седница на Советот на град Скопје, е изготвена одлука за пренамена на средства со кои ќе се исплати септемвриската плата на вработените во ЈСП „Скопје“.