Ѓуриќ рече дека, според прелиминарните безбедносни информации, заканите „доаѓаат од екстремни сепаратистички кругови на дел од дијаспората од Косово, од албанска националност“
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, ја обвини косовската дијаспора дека упатувала терористички закани кон српските амбасади во две европски престолнини.
„Амбасадите на Србија во две големи европски престолнини добија закани во претходните 24 часа дека ќе бидат цел на терористички напади“,
изјави денеска Ѓуриќ за ТВ Пинк.
Ѓуриќ рече дека, според прелиминарните безбедносни информации, заканите „доаѓаат од екстремни сепаратистички кругови на дел од дијаспората од Косово, од албанска националност“.
„Во соработка со другите европски безбедносни тела работиме на спречување и елиминирање на овие закани. Ова го нагласувам затоа што некој од Приштина со години систематски работи на создавање клима во која нападот врз се што е српско, е прифатлив“,
рече Ѓуриќ.
Тој не обезбеди докази за своите тврдења, велејќи дека „не сака да ја влоши ситуацијата“. Ѓуриќ рече дека од утрово се зголемени безбедносните мерки во дел од дипломатско-конзуларните претставништва на Србија во Европа.
Тврдењата на Ѓуриќ доаѓаат во време на стагнација во дијалогот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград и нови тензии меѓу двете страни поради намерата на косовските власти, по повеќе од две децении, да го отворат мостот на реката Ибар меѓу северниот дел на Косовска Митровица, претежно населен со Срби, и јужниот дел, каде што главно се Албанци.
Белград ја обвинува Приштина дека најавеното отворање на мостот е дел од предизборната кампања за парламентарните избори во февруари и инсистира на тоа дека меѓународните мировни сили (КФОР) мора да ја гарантираат безбедноста на малцинските Срби.
Приштина тврди дека е во постојан контакт „со меѓународните партнери“ и дека нема да преземе никакви чекори кои би можеле да бидат „контрапродуктивни“.