Еден час претходно и претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ распиша локални избори на истиот датум, 17 декември, кога ќе се гласа во 65 града и општини во Србија
За Србија е многу важно да ги зачува мирот, стабилноста и внатрешната кохезија и да демонстрира демократија, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ, откако денеска со указ го распушти Народното собрание и распиша вонредни парламентарни избори за 17 декември, објави Радио-телевизија Србија (РТС).
Го потпиша указот за распуштање на Народното собрание, кој стапува во сила со објавување во тамошниот „Службен весник“, а на граѓаните им посака среќни избори.

„Живееме во времиња кои се тешки за целиот свет. Во време на војни, сите треба да бидеме обединети за да ги зачуваме виталните интереси, во време кога ќе бидеме под притисок поради Косово и други прашања. Србија треба да ја зачува внатрешната кохезија“,
изјави Вучиќ.
Тој на сите учесници во кампањата им посака добар резултат во презентирањето на нивните идеи и цели.
„Сакам сето ова да го направат на демократски и цивилизиран начин, за граѓаните на Србија е важно да победат најдобрите програми и идеи. Убеден сум дека ја консолидираме демократијата и обезбедуваме безбеден пат кон иднината за нашите деца. Да живее Србија, да имаме среќни избори“,
заклучи Вучиќ.
Според него, оваа кампања е можност на цивилизиран начин да се презентираат различни идеи, програми, политики кои треба да се натпреваруваат, но кои, како што нагласи, никогаш нема да ги загрозат виталните државни, народни и национални интереси.
Владата на Србија во понеделникот испрати образложен предлог до претседателот на Републиката за распуштање на Народното собрание и распишување избори за пратеници.
Како што наведуваат од Владата, одржувањето на нови парламентарни избори во постоечките околности би обезбедило повисок степен на демократија, намалување на тензиите создадени меѓу спротивставените опции во општеството, отфрлање на ексклузивноста и говорот на омраза и афирмирање на правото на слободно изразување мислења и ставови за одредени политички, економски и други прашања, вклучително и натамошната афирмација на европските вредности.
Во предлогот за распуштање на парламентот, меѓу другото, се наведува дека неодамна имало барања од дел од јавноста да се распишат нови, вонредни избори за пратеници, а дека на 11 септември дел од Вакво барање до претседателот на Републиката поднесоа опозициските политички партии.
Еден час претходно и претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ распиша локални избори за 17 декември.
„Почитувани граѓани на Србија, согласно Законот за локални избори и Законот за локална самоуправа, за 17 декември 2023 година се распишани избори за советници во собранијата на 65 градови и општини во Република Србија. Таа одлука ќе стапи на сила во моментот на објавување во Службен весник и оттогаш почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија“,
рече Орлиќ на конференција во Собранието на Србија.
За потсетување, во понеделникот членовите на владата донесоа одлука за распуштање на Собранието на Белград и формирање привремено тело на Град Белград, а вакви одлуки беа донесени за уште 64 градови и општини во Србија.
Кампањата ќе трае до 14 декември на полноќ, кога ќе започне изборниот молк.