Од МНР велат дека земјава нема да има никакви финансиски импликации во однос на функционирањето на почесниот конзул, кој на свој трошок и во свои простории ќе ја промовира државата
Познатиот српски неврохирург д-р Лукас Расулиќ ќе биде почесен конзул на Република Северна Македонија во регионот на Златиборскиот Округ во Србија, потврдија за „360 степени“ од Министерството за надворешни работи (МНР).
Предлогот за отворање почесен конзулат на земјава во Златибор беше на дневен ред на седницата на Владата одржана на 2 март годинава.
Од МНР велат дека целта на почесниот конзулат, како и секогаш, е промоција на Северна Македонија во странство и продлабочување на билатералните односи меѓу нашата и земјата на акредитација.
„Поради појавените многубројни шпекулативни информации во јавноста, сакаме да нагласиме дека Република Северна Македонија нема никакви финансиски импликации во однос на функционирањето на почесниот конзул. Почесниот конзул се избира од редовите на угледните граѓани на земјата на приемот, кој исклучиво на свој трошок и во свои простории ги промовира Република Северна Македонија, нејзините општини, природни убавини, културно наследство и создава потенцијали за секаков вид соработка“,
велат од МНР.
Оттаму посочуваат дека подрачјето што ќе го опфаќа почесниот конзулат ќе биде целиот Златиборски Округ во Западна Србија, област во која живее население од над 300 000 жители, а ги опфаќа општините Чајетина, Ариље, Бајина Башта, Прибој, Пријепоље, Сјеница, Ужице, Пожега итн.
„Станува збор за област со голем потенцијал за стопанска и туристичка соработка, и каде што веќе има обезбедени простории во Златибор“,
додаваат од МНР.
Според биографијата што ја споделуваат од Министерството, д-р Лукас Расулиќ е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград и раководител на Одделот за операција на периферни нерви, функционална неврохирургија и операција за управување со болка на Клиниката за неврохирургија при Клиничкиот центар на Србија.
„Професор Расулиќ има објавено повеќе од 400 научни публикации во меѓународни и национални научни трудови во индексирани списанија и поглавја во научни книги. Учествувал на над 80 меѓународни курсеви и обуки, поканет говорник на над 100 национални и меѓународни конгреси, состаноци и симпозиуми, организатор на повеќе од 40 национални и меѓународни конгреси, состаноци и симпозиуми и активен учесник на 175 меѓународни и национални научни состаноци – научно учество“,
пишува во биографијата на неврохирургот што ја споделуваат од Министерството.
Речиси идентична е и биографијата на д-р Расулиќ објавена на веб-страницата на Европската асоцијација на здруженијата на неврохирурзи (ЕАНС), каде што во делот меѓу неговите најзначајни членства и именувања ги пишува позициите: претседател на српското Здружение на неврохирурзи, претседател на Неврохируршкото друштво на Југоисточна Европа итн.
Одлуката за отворање почесен конзулат со седиште во Златибор, Владата ја донесе врз основа на Законот за надворешни работи.
Законот ја уредува и работата на почесниот конзул. Тој предвидува дека Владата, на предлог на министерот, именува почесен конзуларен функционер од редот на лицата што живеат во државата на приемот и дека треба да станува збор за личност која ужива углед и доверба.
„Почесниот конзул врши задачи утврдени со упатство на министерот. Почесниот конзул работи согласно со упатствата и под надзор на шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво. За сите позначајни работи се консултира со шефот на надлежното дипломатско-конзуларно претставништво. Во јавни настапи се однесува согласно насоките на Министерството. За својата дејност тековно го известува надлежното дипломатско-конзуларно претставништво и со него ја усогласува својата работа. Во случаи кога нема надлежно дипломатско-конзуларно претставништво, неговата улога непосредно ја презема Министерството“,
пишува во членот 61 од Законот за надворешни работи.
Во истиот член се наведува и дека почесниот конзул ги обезбедува средствата за функционирање на конзуларното претставништво, како и условите за вршење на функцијата утврдени со акт на Владата, донесен на предлог на шефот на дипломатијата. МНР, пак, обезбедува знаме, грб, табла со службен назив на конзулатот и печати.