Српското Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“ до локалните самоуправи испратија инструкции со кои им се наложува на сите заразени лица со коронавирус да се да се лекуваат во болниците или во импровизираните болници (карантин) во Белград, Ниш и Нови Сад и дека повеќе нема да има лекување во домашни услови, соопштија од тамошното министерство, јави МИА од Белград.
Досега пациенти кои немаа симптоми на болеста или имаа лесна клиничка слика беа третирани дома.
„Тоа, според одлуката на Владата, се однесува на сите оние кои се дијагностицирани со ковид-19. Причината за носење ваква значајна одлука е двојна: прво, пациентите со докажан ковид-19 во домовите можат да ја шират инфекцијата кај членовите на семејството и околината, и втората е непредвидливоста на самата болест, затоа што дури и кај пациенти со лесни симптоми болеста може да ескалира, односно да дојде до влошување што може да го загрози животот на пациентот“,
изјави директорката на „Батут“, д-р Верица Јовановиќ.
Со одлука на Владата на Србија, сите позитивни пациенти на ковид-19 ќе бидат лекувани во болници, оние без симптоми или со блага клиничка слика во привремените болници, а тие со потешка клиничка слика во болниците специјализирани за лекување на пациенти со ковид-19.
Во Србија досега во функција се ставени три импровизирани болници за пациентите со лесна клиничка слика на ковид-19. На белградскиот саем кој има капацитет од 3 000 легла досега се сместени 88 лица, на новосадскиот саем со 1 000 кревети има 38 пациенти и во спортската сала Чаир во Ниш со 256 кревети има 14 пациенти.