Оттаму додаваат дека постојните регистарски таблички остануваат и повторуваат дека ќе се продолжуваат, но нови таблички нема да се издаваат
Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, го поздрави договорот меѓу Косово и Србија за регистарските таблички постигнат во Брисел истакнувајќи дека табличките КМ (Косовска Митровица) остануваат во употреба и дека „никој нема да ги одземе и нема да има казни“.
„Сакаме да ги информираме граѓаните дека сите сопственици на возила со КМ таблички ќе можат нормално да функционираат и кога ќе им истече постојната регистрација. Тие ќе можат да ја продолжат важноста на нивната КМ регистрација како досега“,
стои во соопштението на Српска листа.
Оттаму додаваат дека постојните регистарски таблички остануваат и повторуваат дека ќе се продолжуваат, но нови таблички нема да се издаваат.
Вчера Косово и Србија постигнаа договор за ставање крај на долгогодишниот спор околу регистарските таблички издадени од Србија за градовите во Косово.
Според договорот, Србија се откажува од натамошното издавање на регистарски таблички, а Косово се откажува од сите чекори како предупредувања или казни за регистарски таблички издадени од Србија.
Главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, рече дека прашањето за регистарските таблички повеќе не е на маса туку дека тоа ќе биде дефинирано во рамките на сеопфатен договор.
Регистарските таблички издадени од српските власти се нелегални на Косово, но досега се толерираа во четири општини со српско мнозинство на север, односно во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Сепак, косовската влада на премиерот Албин Курти инсистираше на пререгистрација на табличките РКС (Република Косово).
Ситуацијата се искомплицира откако на 5 ноември припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции, противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата.
Во рамките на дијалогот, Косово и Србија постигнаа договор за слобода на движење во 2011 и 2016 година, кој вклучуваше пререгистрација на регистарските таблички од српски на Косово.