Активистите и граѓаните порачаа дека овогодинешниот протестен марш е посветен на зголемување на видливоста на ЛГБТИ+ лицата кои се соочуваат со институционален наплив на омраза
Со транспаренти на кои беа напишани пораки за поддршка на ЛГБТИ+ заедницата и знамиња и облека во боите на виножитото, граѓани и активисти денеска маршираа низ неколку скопски улици на осмата Парада на гордоста чие мото годинава беше „Сите нека знаат“, порака која симболизира укажување на потребата на ЛГБТИ+ заедницата да биде видена оти и понатаму се изложени на системска дискриминација, како од институционален карактер, така и од општествена стигматизација.
Маршот започна пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје, а од булеварот „Илинденска“, па преку булеварот „Партизански одреди“, и заврши во паркот Жена-борец пред Собранието. Организаторите порачаа оти овогодинешниот настан е протестен марш со која сакаат да испратат порака за почит, еднаквост и достоинствен живот за ЛГБТИ+ заедницата која се соочува со голем број предизвици.

Помеѓу присутните годинава беа и Заменик-амбасадорот на Европската Унија во земјава, Бен Нупнау, германската амбасадорка Петра Дрекслер, како и шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром.

„360 Степени“ неодамна објави интервју со дел од организаторите на Парадата на гордоста, Сара Миленковска и Ангел Димитриевски во кое тие подетално говорат за овогодинешниот слоган, организацијата и значењето на настанот.
