Најавија дека овој месец ќе ја следат епидемиолошката состојба
Од Сојузот на средношколци денеска соопштија дека овој месец ќе ја следат состојбата со епидемијата и ако е стабилна ќе бараат комбинираниот модел на настава да се примени од ноември. Доколку не се исполни нивното барање, тие најавија дека ќе ја бојкотираат наставата.
Ваквиот нивни став следи откако Владата не го прифатила нивното најважно барање, учебната година да започне со комбиниран модел на настава.
„Сојузот на средношколци веќе со недели е во постојан контакт со средношколци од сите градови и постигнавме консензус за следните чекори на Сојузот. Направивме компромис почитувајќи ги епидемиолозите, учебната година да започне од далечина, но доколку епидемиолошката состојба во текот на октомври е стабилна, тогаш учениците треба постепено да се враќаат во училиштата со комбиниран модел, во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира онлајн-наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис, туку како ултиматум од еден месец до министерката Царовска и министерот Филипче“,
потенцираа од Сојузот на средношколци.
Средношколците сметаат дека затворањето на училиштата ги продлабочува нееднаквостите бидејќи околу 40 000 ученици немаат потребни финансиски средства за учество во процесот за учење на далечина.
Тие ги пофалија чекорите на образовните власти кон подобрување на онлајн-наставата преку создавање на националната платформа за учење на далечина, односно од дома, но констатираа дека, доколку утре, кога започнува учебната година, платформата не е функционална, некој треба да преземе одговорност за тоа.
Од Сојузот потенцираат дека се задоволни што голем дел од нивните барања се веќе прифатени – учебната година да започне на 1 октомври, практичната работа во средните стручни училишта ќе се спроведува со физичко присуство, децентрализиран пристап за училиштата, заедно со општините да можат да одлучуваат за начинот на започнување на новата учебна година, во средните музички училишта да се избегнуваат активностите со музички хорови и отворање со половина капацитет на интернатите за средношколците.