Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска, во рамки на 58-та Минхенска безбедносна конференција, се сретнa со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Вопке Хоекстра. Ова е воедно прва средба на двајцата министри, по неодамнешното назначување на Хоекстра на оваа функција. На состанокот беа разменети мислења за европското досие на земјата, билатералните односи, а стана збор и за актуелните безбедносни предизвици.
„Како сојузници во НАТО ние ги споделуваме истите вредноси и Холандија е наш важен партнер. Постигнавме силни билатерални врски, а Холандија стана наш посветен поддржувач во нашите напори за интеграција во ЕУ. Силно ја цениме холандската поддршка во овој процес особено во областите на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ“,
истакна Османи.
Министерот во Минхен се сретна и со министерката за надворешни работи на Исланд, Тордис Колбрун Рејкфорд Гилфадотир, која исто така, пред само неколку месеци, беше избрана на оваа позиција. Министрите се осврнаа развојот на билатералните врски, но посебен фокус беше ставен на ситуацијата во и околу Украина, како закана за европската и меѓународната безбедност и за активностите на двете земји како сојузници во НАТО.
Соработката во рамките на ОБСЕ со посебен фокус на годинашното претседавање на Северна Македонија со Групата на медитерански партнери за соработка беше дел од разговорите меѓу Османи и заменик премиерот и министер за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади. Стана збор и за зајакнување на билатералните односи, особено во областа на економската и бизнис соработката.
Османи во текот на денот ќе се сретне и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел со цел размена на мислења во врска со европската перспектива на земјата.
Министерот Османи ќе има и излагање на специјален настан организиран од сојузната министерка на Германија, Аналена Баербок, посветена на земјите од Западен Балкан, на која се очекува да присуствуваат повеќете министри за надворешни на овој регион.
Посетата на Минхен, Османи ќе ја искористи и да го посети Генералниот конзулат на Северна Македонија, каде што ќе има можност да се сретне со претставници од нашата дијаспора и на некои од нив да им врачи патни исправи, издадени од базната станица која е поставена во овој конзулат.