На средбата во Лавов бил потпишан договор меѓу Турција и Украина за реконструкција на инфраструктурата оштетена во војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска оствари средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во украинскиот град Лавов, по што се одржа трилатерална средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Според турската телевизија НТВ, Зеленски посочил дека со турскиот претседател разговарал за можностите за надградба на иницијативата за извоз на жито преку украинските пристаништа, како и за ситуацијата околу нуклеарната централа во Запорожје.
„Зајакнувањето на нашата соработка ќе доведе до зајакнување на двете земји“,
истакнал украинскиот претседател.
На средбата во Лавов бил потпишан договор меѓу Турција и Украина за реконструкција на инфраструктурата оштетена во војната, објави НТВ.
Телевизијата наведува дека на билатералната средба претседателите разговарале за сите аспекти на односите меѓу Анкара и Киев на стратегиско0 ниво.
На трилатералната средба Зеленски-Ердоган-Гутереш од турска страна во Лавов присуствувале уште и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, шефот на разузнавачката служба МИТ, Хакан Фидан и портпаролот на претседателот и советник, Ибрахим Калан.