На средбата Штајнмајер, било констатирано дека почнувањето пристапни преговори позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима во С Македонија и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите во регионот
Претседателот Стево Пендаровски, за време на посетата на САД, во рамки на 76. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, оствари средба со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, двајцата претседатели размениле мислења и информации за актуелните состојби во двете држави, при што Штајнмајер изразил најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница.
Пендаровски упатил благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција.
Пендаровски, како што велат од неговиот кабинет, нагласил дека градењето пријателски релации со Германија, засносновани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Северна Македонија.
Во тој контекст, соговорниците размениле мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатирале дека почнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот.