На средбата претседателот Пендаровски изразил очекување за натамошна силна германска поддршка за процесот на пристапување на С Македонија кон Европската Унија

Актуелните политички случувања во земјава во контекст на македонските аспирации за членство во Европската Унија, како и состојбите во поширокиот регион, биле темите за кои разговарале македонскиот претседател Стево Пендаровски и Јохан Вадефул, заменик-претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ и шеф на германската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
На средбата, како што информираат од кабинетот на претседателот, Пендаровски изразил очекување за натамошна силна германска поддршка за процесот на пристапување кон Европската Унија и посочил дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион и на европскиот континент.
„Претседателот Пендаровски и Вадефул ја потенцираа потребата од спроведувањето на неопходните суштински реформи во сите сфери од важност за непречено одвивање на пристапните преговори“,
информираат од кабинетот на претседателот.
На средбата, додаваат оттаму, станало збор и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Германија и партнерството во НАТО, при што е констатирано дека двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи и остваруваат интензивен политички дијалог.
Заменик-претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ и шеф на германската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Јохан Вадефул, имаше средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.
На средбата со Ковачевски, како што информираа од владината прес-служба, Вадефул истакнал дека клучните германски политички партии ја поддржуваат европската перспектива на земјите од Западниот Балкан и изразил разбирање за критичната фаза од процесот на евроинтегрирање во која се наоѓа Северна Македонија и нагласил оти неискористувањето на прозорецот на можности, кој е отворен пред земјата, ќе донесе неизвесност за која никој не може да предвиди како ќе изгледа и колку ќе трае.