На денешната средба, како што рече лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, се очекува да се консултира централното претседателство на коалицијата, која треба да прерасне во нов политички субјект
Лидерите на партиите на Албанците обединети во коалицијата ВЛЕН попладнево одржуваат состанок во Скопје, на кој се очекува да се разговара подетално околу претстојното спојување на трите партии во нов политички субјект.

Пред почетокот на средбата, лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, рече дека интенцијата за обединување на партиите од коалицијата во нова партија е на граѓаните да им се даде можност да бираат и на локалните избори да гласаат за еден од двата табора во албанскиот политички блок – ВЛЕН или ДУИ.
„ВЛЕН има донесено одлука не само да биде еден политички субјект, туку и да се отвори кон граѓанскиот сектор, кон професионалците, најдобрите Албанци да ги понуди на советничките листи и за кандидати за градоначалници. Ако некој е добар не мора да има партиски дрес. Ќе има случаи и на независен кандидат да биде поддржан од ВЛЕН. Да се заокружи победата од парламентарните и на локалните избори и да продолжиме со промените“,
изјави Меџити пред почетокот на средбата.
На денешната средба, како што рече, се очекува да се консултира централното претседателство на коалицијата, а во претстојниот период најави и формирање штабови, избор на советнички листи и градоначалници.
Претходно денеска, на прес-конференција одржана во Владата, Меџити рече дека вечерва нема да се одлучува кој ќе биде претседател на ВЛЕН.
Најавата за припојување на партиите од ВЛЕН во нов политички субјект уследи по одлуката на централното претседателство на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници. Останатите партии од ВЛЕН, пак, ќе понудат заеднички листи.