Како што соопштија од Фондот, на средбата била истакната важноста на социјалниот дијалог, како и на Колективниот договор и проблемите во неговото спроведување

Новите в.д. директори на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, најавиле „целосна поддршка во исполнувањето на колективните договори“ на денешната средба со повеќемина синдикални претставници.
Состанокот, на кој присуствувале Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, и Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ, како и со Бојан Трипуновски, генерален секретар на УПОЗ, и Зоран Печевски, претседател на синдикатот на ФЗОРСМ, се одржа два месеца откако вработените во ФЗО штрајкуваа и бараа усогласување на нивните плати согласно Законот за минимална плата.
Како што соопштија од Фондот, на средбата била истакната важноста на социјалниот дијалог, како и на Колективниот договор и проблемите во неговото спроведување.
„Во непосредно минато ФЗОРСМ се соочи со штрајк поради нерешавање на наталожените проблеми. Раководството на ФЗОРСМ е посветено на социјалниот дијалог и дава целосна поддршка во исполнување на колективните договори. Подобри услови за работа се важен дел во подобрување на здравствените услуги“,
се наведува во соопштението.
Вработените во Фондот на крајот на април годинава излегоа на протест на кој изнесоа три барања.
Тие бараа разрешување на Управниот одбор на Фондот, усогласување на платите на вработените со минималната плата и задржување на вредноста на бодот за пресметка на платите и по 31 мај 2024 година.
Тие на властите им дадоа рок од еден месец за исполнување на барањата, во спротивно се заканија дека од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.
Вработените во Фондот на почетокот на февруари годинава излегоа на штрајк кој траеше неколку дена, со барање платите во текот на оваа година да им останат во истиот износ како онаа што ја добиле за декември минатата година со утврденото зголемување од 15 проценти.
Штрајкот во февруари уследи по протест што се одржа една недела претходно, а на кој вработените во ФЗО го изразија своето незадоволство од можното намалување, односно, како што рекоа тогаш од синдикатите, препораката на Владата за намалување на платите за 21 процент.
По три дена штрајк, тој беше ставен во мирување откако од раководството на Фондот соопштија дека со Владата донеле одлука платите да останат со еднаква вредност до 31 мај, до донесување трајно решение.