Премиерот Ковачевски и евроамбасадорот Гир заеднички констатирале дека во услови на геополитички превирања, од суштинско значење е полноправното членство на земјава во Европската Унија
Скрининг процесот се одвива според предвидената динамика и календарот кој заеднички е утврден помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, заклучиле на денешната тет-а-тет средба премиерот Димитар Ковачевски и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Ковачевски и Гир, како што информираат од владината прес служба, разговарале и за евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, како и за актуелните случувања и предизвици.
„На средбата е потенцирана важноста од напредокот на евроинтеграциите, кој, како што беше оценето, ќе се одрази позитивно врз квалитетот на животот на граѓаните, како и врз сите сфери на општеството“,
се вели во соопштението од владината прес служба.
Заеднички е констатирано дека во услови на геополитички превирања, од суштинско значење е полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Евроамбасадорот Гир, се додава во соопштението, ја потврдил силната поддршка за евроинтеграцискиот процес на државата.
При тоа, премиерот Ковачевски на средбата истакнал, дека продолжувањето кон европскиот пат е историска шанса која треба да се искористи сега.
„Полноправното членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел, за која имаме поддршка и од стратешките партнери“,
потенцирал премиерот Ковачевски на средбата со евроамбасадорот Гир.