Евроамбасадорот вели и оти земјава има капацитет за реформи, за што е потребен широк политички консензус за клучните закони и правосудниот систем кој ќе биде целосно ослободен од политички влијанија
Европската Унија останува целосно посветена на европската перспектива на земјава и не постои сомнеж оти Северна Македонија се гледа како идна полноправна членка на Унијата, порача евроамбасадорот Михаил Рокас пред Националниот совет за евроинтеграции.

Тој кажа оти процесот на проширување на Унијата е во полн ек и ги посочи неодамнешните меѓувладини конференции со Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија како позитивен пример, а целта на нон-пејперот на Франција и Германија рече дека е поттик за забрзување на пристапувањето на земјите кандидати кои би имале постепен пристап до внатрешниот европски пазар, паралелно исполнувајќи ги условите за полноправно членство.
Евроамбасадорот Михалис Рокас пред Националниот совет за евроинтеграции испрати јасна порака дека Европската Унија останува целосно посветена на европската перспектива на Северна Македонија и оти не постои сомнеж дека државата се гледа како идна полноправна членка.
„Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа, паралелно работиме и на тој процес“,
кажа тој.
Оценувајќи ја состојбата во земјава, Рокас истакна дека Македонија покажала оти има капацитет за спроведување на неопходните реформи и ја поздрави работата на Собранието, но беше дециден и оти владеењето на правото останува главен и бескомпромисен критериум за отворање на преговарачките поглавја.
„Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ“,
изјави Рокас.
За успешна евроинтеграција, евроамбасадорот вели оти е неопходно да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, но пред сè судство кое ќе биде целосно ослободено од политички влијанија и соодветно кадровски и финансиски зајакнато. Иако извештаите бележат позитивни оценки и добра демократска атмосфера меѓу политичките чинители, Рокас апелираше на неопходноста од широк политички консензус кога станува збор за клучните реформи, ставајќи посебен акцент на Изборниот и Кривичниот законик.
„Јас сум речиси две години овде и гледам дека постои простор за дискусии, па и за политички несогласувања по многу прашања. Но, кога станува збор за овие клучни реформи, многу е важно, секако и со наша поддршка, да се постигне широк политички консензус“,
кажа Рокас.
Во однос на финансиската поддршка, тој најави дека Унијата работи на нова повеќегодишна финансиска рамка со флексибилни инструменти кои ќе ги заменат досегашните ИПА-фондови, притоа уверувајќи дека дека ниту една земја нема да остане без соодветна помош, а Делегацијата на ЕУ, како што рече, ќе продолжи интензивно да ѝ помага на државата, процес за чиј успех се клучни заедничката политичка волја и почитувањето на темелните европски вредности.
