Српскиот Кризен штаб за ковид-19 денеска ќе одлучува дали ќе се вратат дел од рестриктивните мерки во неколку градови, откако бројот на заразени нагло порасна. со цел сузбивање на коронавирусот.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера најави дека рестриктивните мерки веројатно ќе бидат воведени во одредени региони и градови, но тоа нема да бидат целосни забрани за движење или собирање како во време на вонредната состојба.
Таа потсети дека засега се воведени вонредни состојби во Нови Пазар, Крагуевац, Ужице и Врање.
Според податоците, најмногу заразени лица има во Белград и тоа е претежно помладата популација, поради што Брнабиќ најави најверојатно ќе се затворат ноќните клубови и ќе има ограничувања за работа на рестораните.
Директорката Заводот за здравствена заштита на студентите од Белград изјави дека четвртина од заразените се од студентските домови, односно дека досега 210 се позитивни на коронавирус.
Исто така, позитивни случаи има и во редовите на власта. Се работи за претседателката на Собранието Маја Гојковиќ, за министерот за одбрана Александар Вулин и за директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ за кои се тврди дека најверојатно се заразиле пред еден недела на прославата на изборната победа на СНС во партискиот штаб. Засега нема информации за претседателот на Србија Александар Вучиќ и за премиерката Брнабиќ.
Српските власти во пресрет на парламентарните избори што се одржаа на 21 јуни ги олабавија рестрикциите до таа мерка што се одржуваа спортски натпревари со илјадници присутни како публика и јавни собири на кои ниту граѓаните ниту политичарите не носеа лична заштита.