Српскиот епидемиолог Предраг Кон смета дека воведувањето ковид-пропусници е задоцнето и сега единствена алтернатива е затворање, односно ограничување на несуштинските активности, скратување на работното време…
Српскиот епидемиолог Предраг Кон смета дека сега е задоцнето да се воведува ковид-пропусница, бидејќи таква мерка би дала повеќе резултати ако се воведела пред неколку месеци.
Кризниот штаб на Србија размислува за воведување ковид-пропусници, но сè уште нема детали.
Кон спомена дека за време на летниот период, кога се одржуваа и настани од културата и концерти, имаше некаква контрола, бидејќи беше задолжително тестирањето на ковид, но сепак, колку тие во практика се спроведувале не може точно да се знае.
„Ние дискутиравме за воведување ковид-пропусници уште во мај, и тоа на барање на локалната самоуправа од Белград, но тогаш се зборуваше дека тоа е неуставно и дискусијата заврши. Сега единствено би можело да се воведе таква пропусница за несуштинските активности како забави, прослави…“,
рече Кон во гостување на ТВ Прва.
Тој најави дека на следната седница ќе разговараат за воведување на ковид-пропусниците, иако тој лично смета дека поминато е времето кога тие би го дале нивниот максимален ефект.
„Но, сега единствената алтернатива на ковид-пропусниците е затворање, односно ограничување на тие несуштински активности, скратување на работното време… Практично, сè она што го имавме како рестриктивни мерки, освен воведување на полицискиот час“,
рече Кон.