Првиот пациент со ковид-19 во Србија кој примил терапија со крвна плазма е во добра состојба, но се уште е рано за прогнози, вели директорот на Клиниката за инфективни болести Горан Стевановиќ во интервју за РТС.
Пациентот, како што објасна Стевановиќ, имал вроден недостаток на антитела, така што терапијата со крвна плазма била единствениот начин тој да се справи со секоја посериозна вирусна инфекција.
„Тој е во ред, но е рано за каква било прогноза“,
вели Стевановиќ.
Тој посочи дека за оваа терапија се уште има малку информации и искуства во светот и дека Србија засега има мали количини на крвна плазма.
Предходно, српската премиерка Ана Брнабиќ апелираше сите излекувани пациенти од ковид-19 да донираат крв за да спасат други животи. Таа најави дека Србија ќе почне со голема кампања за терапијата со крвна плазма.
Во Македонија, според информациите од здравствените власти, подготвен е протоколот за користење на крвна плазма за лекување на пациенти со ковид-19 и се очекува наскоро да почне да се применува.
Сепак, како што претходно посочи Филипче на своите прес-конференции, ваков тип на терапија не може секому да помогне, особено имајќи ја предвид непредвидливоста на болеста во потешките случаи.