Претходно во текот на денот, пронајден е и запален автомобил помеѓу двете села Доња Трнава и Тешица, за кој се претпоставува дека му припаѓал на семејството Џокиќ
Српските полицајци пронашле три безживотни тела во атарот на селото Моравец кај Алексинац и сомнежите се дека станува збор за тричленото семејство Џокиќ чија трага се изгуби во неделата, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Србија, пренесува РТС.
По наредба на виш јавен обвинител од Ниш, телата се предадени на обдукција, а српската полиција ќе продолжи со истрагата за целосно расчистување на случајот.
РТС јавува дека местото каде се пронајдени телата е под полициско обезбедување и не им е дозволен пристап на новинарските екипи. Во Алексинац отпатувал и министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, но не давал изјави пред медиумите.
Телата се најдени околу 16 часот, а новинарските екипи забележаа и погребално возило со кое истите биле пренесени.
Претходно во текот на денот, пронајден е и запален автомобил помеѓу двете села Доња Трнава и Тешица, за кој се претпоставува дека му припаѓал на семејството Џокиќ.
Родителите Горан (57) и Гордана (56) и нивната ќерка Лидија (25) последен пат биле видени во неделата попладне во Алексинац како се возат во нивниот автомобил „пасат“. Во понеделникот била алармирана полицијата, по што започнала и потрагата по нив.