Од понеделникот е алармирана полицијата и сите останати надлежни служби по што започнува и потрагата по нив
Тричлено семејство од Алексинац, Србија исчезна во ист ден, а надлежните веќе пет дена не можат да откријат што се случило. Како што пренесуваат српските медиуми, на семејството Џокиќ му се губи секаква трага доцна вечерта во неделата. Горан (57), неговата сопруга Гордана (56) и ќерката Лидија (25), последен пат биле видени во неделата попладне во Алексинац како се возат во нивниот автомобил „пасат“.
Од понеделникот е алармирана полицијата и сите останати надлежни служби по што започнува и потрагата по нив. Пријавено било дека го нема ниту нивниот автомобил, а мобилните телефони, како што кажа министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, на сите тројца им биле исклучени во иста секунда.
„Исчезнаа за една секунда, телефоните им беа исклучени во истата секунда“,
рече Вулин за ТВ Пинк, наведувајќи дека се ангажирани хеликоптери и нуркачи кои го пребарувале и езерото кое е во близина, но ништо не е пронајдено.
Тој изјави дека Џокиќ биле добро семејство и дека нема никакво објаснување зошто би исчезнале.
Како што рече, доколку се поставеле камери во Србија, како што тој предложи во законот за полиција, кој беше повлечен, потрагата ќе била многу полесна.
„Истрагата продолжува додека не се реши ова“,
рече Вулин.
Нова.рс денеска јави дека е пронајден изгорен автомобил „пасат“ во близина на Алексинац, а надлежните се сомневаат дека му припаѓа на семејството Џокиќ.
Попладнево, повеќе медиуми од Србија објавија непотврдена информација дека се пронајдени и безживотните тела на семејството Џокиќ, но ова досега официјално не го потврди никој од истражните органи.