Во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права се осудува говорот на омраза искажан на натпреварот меѓу фудбалските репрезентации на С Македонија и Бугарија одигран во понеделникот неделава во Скопје и ги повикаа сите политички, спортски и други општествени чинители да се придружат во осудата на овој говор, и тоа да го сторат не само „заради политичкиот момент, туку и за да се испрати јасна порака дека е неприфатливо ширењето омраза на јавни места и настани“
Иако социјалните мрежи во последниве години станаа примарна арена на говорот на омраза во нашето општество, и понатаму не изостанува злоупотребата на спортските трибини за пласирање понижувачки и навредливи пораки мотивирaни од омраза, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права во која се осудува говорот на омраза искажан на натпреварот меѓу фудбалските репрезентации на С Македонија и Бугарија одигран во понеделникот неделава во Скопје.

Од Хелсиншкиот комитет предупредуваат дека говорот на омраза на натпреварот има доплнителна тежина во контекст на актуелните политички односи.
„За жал, говорот на омраза заснован на етничка и национална припадност традиционално се излева на спортските натпревари, а единствено што се менува е субјектот на омраза на конкретен настан, во зависност од учесниците“,
велат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму потенцираат дека со оглед на популарноста на спортските настани, загрижувачки е што таму изнесените пораки полни со омраза добиваат поголема видливост, вклучително и на традиционалните медиуми, а со тоа се зголемуваат и негативните ефекти од ваквиот говор.
„Разорните ефекти од јавно манифестираната омраза значат понатамошно продлабочување на поделбите и намалување на просторот за рационален и толерантен дијалог во рамки на општеството и во меѓусоседските релации“,
се наведува во соопштението.
Од Хелсиншки апелираат до сите политички, спортски и други општествени чинители да се придружат во осудата на овој говор, и тоа да го сторат не само „заради политичкиот момент, туку и за да се испрати јасна порака дека е неприфатливо ширењето омраза на јавни места и настани“.
Осуди за исвиркувањето на бугарската химна пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу С Македонија и Бугарија ден по натпреварот дојдоа од повеќе бугарски политичари, меѓу кои лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов и лидерката на БСП, Корнелија Нинова.
Исвиркувањето на химната го осудија и министерствата за надворешни работи на двете земји, а премиерот на С Македонија, Димитар Ковачевски порача дека најдобар начин е да се навива со бодрење на својот тим и почитување на противниците.
Натпреварот меѓу фудбалските репрезентации на двете земји се играше во понеделникот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во рамките на последното коло од групата Ц од Лигата на нации. Мечот заврши со победа на Бугарија од 1:0.