Од обработени над 50% од гласовите, Српската напредна странка (СНС), која настапуваше под слоганот „Србија не смее да запре“, освои 47,1 отсто од гласовите. Веднаш зад неа е коалицијата „Србија против насилството“, која освои 23,1 отсто, додека пак Социјалистичката партија на актуелниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ освои 6,9% од гласовите
Премиерката на Србија и повереник на одборот на белградското крило на СНС, во обраќањето од штабот на партијата, кажа дека нејзината партија е убедлив победник и дека победата е поголема од очекувањата, нешто што претходно го кажа и претседателот на земјата, Александар Вучиќ.
Покрај СНС, во парламентот се очекува да влезат второрангираните – „Србија против насилство“, Социјалистичката партија на Дачиќ, листата НАДА, а изненадување е и листата на докторот Несторовиќ кој освои 4,8% од гласовите.
Поради поголемата излезеност во градот Белград, опозициската листа „Србија против насилство“ смета дека постојат реалистични шанси клучот на градот да им припадне ним.
„Тврдиме дека е голема шанса, односно според сите изгледи сме победиле во град Белград. Затоа што излезеноста на избирачките места каде што нашата коалиција на минатите избори оствари добар резултат – порасна. А на избирачките места каде што СНС минатите избори имаше голема поддршка излезеноста падна“,
рече Пеџа Митровиќ од изборниот штаб на „Србија против насилство“.
Претседателот на Социјалдемократската партија Борис Тадиќ вечерва ги повика сите опозициски партии заеднички да поднесат кривична пријава против организаторите на, како што наведе, „незаконското гласање на граѓаните од соседните држави“. Тадиќ на социјалната мрежа Х повика на заедничко поднесување кривична пријава против службениците во МВР кои „незаконски прифатиле измени во пријавувањето на живеење на државјаните на соседните држави, со цел да се влијае на конечниот резултат на избори“.
По вторпат во изминатите две години гласачите во Србија излегоа на парламентарни избори да одлучуваат за идното свикување на собранието, а според првичните резултати победата ја извојува Српската напредна странка со коалициските партнери, јавија белградски медиуми. Како што претходно објавија медиумите во Белград, претставници на опозицијата и дел од граѓаните тврдат дека во арената „Штарк“ во Белград масовно се собираат луѓе кои биле донесени да гласаат со автобуси од Република Српска, кои потоа по списоци се распоредени на различни избирачки места.