Премиерот смета дека имаме прелиберално законодавство во делот на организирањето на невладини организации или здруженија на граѓани и организации и затоа, како што посочи, веќе му дал наредба на Министерството за правда да подготви нов закон

Отворањето клубови што носат имиња на личности кои будат негативни чувства кај нашите граѓани, а пред се кај Еврејската заедница, ги повредуваат прво чувствата на македонските граѓани и на ниеден начин не влијаат на подобрување на односите со соседни држави, вели премиерот Димитар Ковачевски.
„Oтворањето клубови кои носат имиња на личности што будат негативни чувства кај нашите граѓани, а пред се кај Еврејската заедница каде што од една многубројна заедница пред Втората светска војна заради Холокаустот е останата на само неколку претставници, односно потомци на тие коишто успеале да се спасат, ги повредуваат прво чувствата на македонските граѓани и на ниеден начин не влијаат на подобрување на односите со соседни држави,
рече Ковачевски во врска со вчерашната информација дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола.
Премиерот смета дека имаме прелиберално законодавство во делот на организирањето на невладини организации или здруженија на граѓани и организации и затоа, како што посочи, веќе му дал наредба на Министерството за правда да подготви нов закон.
„Јас им сугерирав да го земат германското законодавство како основа при формулирањето, но исто така веќе има и предлог за промени во Законот којшто е поднесен од група пратеници. Ги поттикнувам пратениците од СДСМ да учествуваат во расправата на Комисијата, исто така, таму да присуствува и Министертвото за правда, но да бидат повикани и претставниците на Еврејската заедница во државата, како и претставници и на Европската делегација бидејќи го усогласуваме нашето законодавство со ЕУ во секој поглед. Ова е со цел да дојдеме до решение кое што ќе оневозможи да се формираат организации што ќе ги нарушуваат чувствата на нашите граѓани и истовремено ќе ги нарушуваат односите со соседни држави“,
изјави Ковачевски.
Премиерот вели дека точно се знае кои институции што треба да направат во законски пропишаните рокови.
„Тоа што треба да го направи здружението или која била организација или компанија во државата доколку има прекршено некој закон треба да го направи во определениот рок, а доколку некој нешто не направи тогаш во државата постојат институции коишто се задолжени за да го следат и да го санкционираат непостапувањето и непримената на закони на територијата на нашата држава. Владата не може да биде, ниту обвинителство, ниту судство. За тоа постојат институции“,
рече Ковачевски.