Согласно законот, откако Комисијата ќе утврди форма на дискриминација, должна е да донесе препораки за начинот на кој ќе треба да се отстрани ова еклатантно вознемирување

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола, соопшти Весна Бендевска, членка на Комисијата на денешната прес-конференција.
„Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување како потежок вид дискриминација извршено од Културниот центар ‘Иван Михајлов’ – Битола кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борци – Битола и кон припадниците на македонскиот народ и етничките заедници“,
рече Бендевска.
Комисијата, додаде таа, утврдила и продолжено повеќекратно повикување, поттикнување и инструкција за вознемирување извршено од здружението Културен центар „Иван Михајлов“ кон Сојузот на борци – Битола и кон припадниците на македонскиот народ и заедниците.
КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со кои му овозможиле на Здружението да врши дискриминација, односно вознемирување што е забрането со одредбите од законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Согласно законот, Комисијата откако ќе утврди форма на дискриминација должна е да донесе препораки за начинот на кој ќе треба да се отстрани ова еклатантно вознемирување“,
рече Бендевска.
Бендевска ги изнесе препораките кои Комисијата му ги дава на Здружението.
„Се препорачува здружението да ги отстрани сите спорни елементи во името, Статутот и програмата во рок од 45 дена. Да ги отстрани сите спорни содржини од својата фејсбук-страница кои предизвикуваат вознемирување поврзани со ликот и делот на Иван Михајлов во најкус рок, но не повеќе од 30 дена и што е најважно се препорачува Министерството за правда да изврши надзор врз законитоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации кој забранува да се организираат и формираат здруженија кои поттикнуваат ширење на расна нетрпеливост во рок од 45 дена и за тоа писмено да ја извести Комисијата“,
рече Бендевска.
Како што информираше Бендевска, КСЗД оствариле средба и со министерот за правда, барајќи објаснување како е дозволено да се регистрира ова Здружение, со оглед на тоа што Законот вели „Доколку името на Здружението содржи име на историска личност, доколку нема живи наследници до трето колено, Министерството за правда е должно да даде согласност, односно Управен акт“.
„Наместо тоа, во 2019 година Министерството издало известување дека не поседува регистар на историски личности и не може да даде согласност. Од друга страна, Централен регистар без согласност како управен потребен документ за регистрација на Здружение со желба да не спречи право на слобода на здружување дозволува регистрација“,
појаснува Бендевска.
Таа истакна и дека согласно закон, Комисијата упатила барање до Институтот за национална историја во врска со отворениот предмет за стручно мислење на ликот и делото на Иван Михајлов.
Добиеното мислење, потпишано од академик Драги Георгиев гласи „Имајќи го предвид горенаведеното институтот смета дека именувањето на каков било центар, клуб, здружение со името Иван Михајлов, претставува провокација, бес, преседан и навреда за македонскиот народ, бидејќи со пропагирање на неговиот лик и дело, се пропагираат и неговите наредби за физички ликвидации, соработка со нацистичка и фашистичка идеологија и неговото седумдецениско негирање на посебноста на македонскиот народ“.
Ова, како што вели Бендевска е доволно релевантен документ за да се утврди дека постои дискриминација.
„Цело вознемирување започнува со отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Извршивме увид и констатиравме дека сите содржини што постојат во внатрешноста се во функција на промоција на Иван Михајлов. Тоа што го утврди Комисијата и го посочува е дека Регистарот во моментот пред да го издаде решението ги имал овие документи и го издал решението, наведувајќи ги целите и задачите на здружението, заборавајќи да го погледне статутот како основен документ за формирање на организацијата“,
појаснува таа.
Заклучи дека со регистрација на ова Здружение се упатува дека државата не направила доволно напори да спречи повреда на основното чувство на човеково достоинство на голема група граѓани, врз национална и етничка припадност, бидејќи целите на здружување на здружението се сосема спротивни од тоа што значи слобода на здружување.
„Секоја институција е должна да ги почитува одредбите од Законот. Дополнително упатуваме дека правото на слобода на изразување и мислење и правото на здружување е несомнено, но завршува во оној момент кога ќе почне да ги повредува правата и слободата на другите лица“,
додаде Бендевска.
Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците – ОО Битола од народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 година.