Велислава Петрова-Чамова додава дека тонот од бугарска страна останува исклучително позитивен, но вели дека често не го гледа истото политичко однесување од Скопје
Властите во Северна Македонија треба да го искористат моменталниот „отворен прозорец“ за проширување на Европската Унија, наместо да ги ескалираат тензиите со Софија – изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, додавајќи дека Бугарија нема да се повлече од договореното во 2022 година.

„Ова не е билатерално, туку прашање на односи меѓу земја кандидат и ЕУ. Се надевам дека Македонија ќе најде пристап што ќе го фокусира вниманието на исполнување на обврските, а не на барање конфликт со Софија“,
изјави шефицата на бугарската дипломатија за БНТ.
Петрова-Чамова додава дека тонот од бугарска страна останува исклучително позитивен, но рече дека често не го гледа истото политичко однесување од Скопје.
„Се надевам дека ќе најдам политичка зрелост од другата страна за да се обидам да пристапам на овој начин. Често не го гледам тоа. Ставот на Софија останува непроменет. Ова е европската позиција. И ова беше главното достигнување во 2022 година. Постои широк консензус во Бугарија по ова прашање“,
додаде таа.
Бугарската министерка за надворешни работи и шефот на македонската дипломатија минатата недела се сретнаа на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Кралството Шведска. Муцунски ја нагласи потребата од изнаоѓање решение на билатералното прашање кое го кочи процесот на отворање на преговорите со ЕУ, а Петрова-Чамова, пак, од својата страна, го потврди ставот на Софија дека спроведувањето на обврските е единствената гаранција Северна Македонија да напредува на својот евроинтегративен пат.
