По посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на Скопје, а во пресрет на новата преговарачка рунда со посредство на Метју Нимиц во Виена, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчкото радио „Сто кокино“ вели дека на двете страни постои политичка волја да се најде решение и дека останува да се најде одговор на некои, како што вели, технички и правни прашања.
– Мислам дека постојат политички услови, но останува да се исполнат уште техничките предуслови. Политичката волја е изразена од двете страни. Сепак, уште постојат технички прашања, правни прашања и прашања на реална спротивставеност на ставовите за низа прашања. Знаете дека власта на поранешната југословенска република Македонија поставува некои прашања во однос на уставна ревизија, ние од наша страна инсистираме на потребата од ревизија на Уставот во однос на името на соседот, бидејќи тоа е потребно за да важи условот ерга омнес, да се однесува и на нашиот сосед – вели Ѕанакопулос.
Во однос на потребното парламентарно мнозинство за прифаќање на новото име во Грција, тој вели дека не е загрижен.
– Мислам дека ако дојдеме до решение, како што го опишавме, а тоа е сложено име што ќе важи за сите, вклучувајќи ја и соседната земја и ќе важи за сите намени, мислам дека ќе можеме да обезбедиме широк парламентарен консензус – вели Ѕанакопулос.
Напишете коментар