Покрај Стоилов и Лазаров, ексминистерот се откажа и од сведочењето на Крсто Муковски, Сашо Василевски, Ферид Мухиќ, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски и уште неколку други…
Одбраната на ексминистерот Спиро Ристовски во случајот за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, денеска одлучи да повлече неколку сведоци кои претходно се најдоа на нејзината листа.
Меѓу имињата за кои соопштија дека ги повлекуваат се и ракометарите Стојанче Стоилов и Кире Лазаров.
Тие најверојатно беа предложени само околу околноста за поддршка на протести на „За заедничка Македонија“ кои се организираа во тој период, а не за конкретните случувања на критичниот ден.
За истите околности на минатото рочиште сведочеше друг ракометар, голманот Борко Ристовски, кој зборуваше како поддржувач на протестите и рече дека тој период не бил во земјава ниту бил контактиран од обвинетите, а давал морална поддршка за протестите преку коментари на социјалните мрежи.
Покрај Стоилов и Лазаров, ексминистерот се откажа и од сведочењето на Крсто Муковски, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој беше обвинет, а потоа доби амнеатија, за отворањето на вратите во Собранието.
Уште еден пратеник кој беше обвинет, а потоа амнестиан, кого сега адвокатот на Спиро Ристовски го повлече од листата е и Сашо Василевски. Обвинетиот поранешен министер ги повлече и експратеникот Ферид Мухиќ, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски и уште неколку други.
Поранешниот претседател Иванов, пак, останува на листата и тој ќе добие покана дс сведочи на наредното рочиште на 11 февруари.
Испитувањето на сведоци на одбраната треба да заврши за неколку рочишта по што ќе следуваат и искази и распит на обвинетите. Покрај Спиро Ристовски обвинети се и ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие се гонат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
*Поврзани вести